gore

Тектонските промени на Фејсбук и нивните импликации за маркетерите

11-03-2020By Vladimir Ristevski

Тектонските промени на Фејсбук и нивните импликации за маркетерите

Во последните неколку години Фејсбук стана главна друштвена мрежа од која станавме целосно зависни. Од информации кои влијаат на нашите навики за купување, преку линкови од новости за случувањата во земјата и светот, па се до дебати за дневно-политички и општествени теми, сите почнавме да очекуваме се’ на готово од едно место и станавме дигитално мрзливи.

И се’ беше супер се додека некој не сфати дека оние маркетери без етика и морален компас може да влијаат во голема мера во тек на избори, да лиферуваат лажни и штетни вести и да пренесуваат невистини и спинови со два-три клика, и дека тоа повеќе не смее да биде случај. Да, некој реши да преземе одговорност, и тој некој е Марк Закерберг.

Во четвртокот вечерта, Марк Закербер фрли дигитален еквивалент на нуклеарна бомба во медиумската индустрија. Во последната објава, извршниот директор на Фејсбук рече дека нивните 2 милијарди корисници „ќе гледаат помалку јавни содржини како објави од бизниси, брендови и медиуми. И јавната содржината што повеќе ќе ја гледаат ќе се заснова на истиот принцип.”

Прочитај повеќе на Pixel.mk

Што всушност значи ова во кратки црти и кои се импликациите за нас маркетерите? Во кратки црти тоа значи дека Фејсбук сака да се врати на корените и да биде мрежата каде што претежно ќе гледате објави од тие што ви се во листата на пријатели и дека фокусот ќе биде на личните моменти и искуства, а органскиот досег на страниците ќе биде екстремно низок или воопшто нема ни да постои.

Што правиме сега со оние страници кои сте ги граделе со години за вашите клиенти или за вашиот бизнис и сите пари, време, енергија и креативи кои се потрошени кон градење комуникација со една цела заедница од која повеќе или помалку зависите?

Одговорот е едноставен и повлекува неколку исходи. Прво, ќе морате многу повеќе да се фокусирате на квалитет наспроти квантитет на објави, на кампањи наместо на дневна комуникација и на платен досег, наместо на органски. Буџетите за реклама на Фејсбук ќе мораат да растат, а со тоа ќе растат и цените.

Второ, повторно ќе треба да научите да му посветите внимание на Гугл и на вашата веб страница, како и да активно да ги развивате и другите канали на комуникација, со особен акцент на Инстаграм како мрежа која постојано расте и се однесува како што се однесуваше Фејсбук во златното доба.

Трето, со оглед на тоа што фокусот ќе премине од страниците кон профилите, органските и вирални кампањи ќе мора да почнуваат од самите корисници, па влијателните корисници и микро-влијателните (оние кои се репер за создавачи на јавно мислење во помали таргет групи) ќе мора да бидат дел од вашите стратегии.

Четврто, издавачите, т.е. порталите, ќе мораат да посветат повеќе внимание на оригинална содржина бидејќи сообраќајот кој што досега го добиваат со бомбастични (таканаречени „клик-бејт“) наслови веќе нема да проаѓа на Фејсбук, што поради последниве измени, а дел и поради промената на алгоритмот која ќе ги казнува ваквите страници.

За крај, од вас маркетерите ќе зависи, а и редно време е, да ги едуцирате клиентите дека друштвените мрежи бараат квалитетна содржина во духот на таа мрежа, а не пренапумпани дизајни фокусирани на продажба и дека градењето односи со потрошувачите се иднината, особено ако сакате истите да бидат оние кои понатаму ќе ја дистрибуираат пораката до нивните пријатели.

Заинтересирани сте за соработка со Пиксел?

Побарајте понуда