gore

Пиксел во 2021

25-01-2022By Vladimir Ristevski

Пиксел во 2021

Како и секоја година, така и оваа, дојде ред да шкртнеме збор-два за успесите на Пиксел во 2021-ва. Секоја година кога се договараме што и како да вклучиме во „годишниот извештај“ до нашите следачи, пријатели и клиенти, земаме длабок воздух и си викаме, бре каква година беше оваа.  

И секоја година заклучокот е ист – нивото е повисоко од претходната, а бројот на клиенти и колеги исто така. Како за потсетување, еве ги „извештаите“ за Пиксел во 2020, во 2019 и во 2018 година

Од година за година сфаќаме дека сме освоиле нови територии, што во поглед на иновативни решенија за нашите клиенти, што во поглед на нови земји од каде што истите доаѓаат.  

Па така, годината ја почнавме со целосно репозиционирање на шведскиот бренд Boksy на кој успешно работевме цели 9 месеца, при што направивме целосна стратегија за позиционирање на шведскиот пазар на сите дигитални канали, ги дефиниравме сите целни публики, креиравме слогани и ја дефиниравме комуникациската стратегија, успешно работевме перформанс маркетинг на Фејсбук, Инстаграм и Гугл, длабински анализи и насоки за e-mail маркетинг. 

На 1-ви април си прославивме 8 години постоење, си зборувавме малку со Design Thinking за растот и развојот на Пиксел, а во текот на годината го зголемивме тимот со Марина, Драган, Mила и Миа во делот на акаунт менаџери/специјалисти по дигитален маркетинг, со Магдалена како раководител за операции, со Мери како раководител на маркетинг тимот, а ни се приклучија и Алек, Влатко и Нина во дизајн и Драган, Александар, Зоран и Филип како програмери. 

Имавме пролетни засилувања и во делот на клиенти, па успеавме да ја стекнеме довербата на големи брендови кои доминираат во нивниот маркет сегмент. Бевме доволно иновативни да ја смениме перцепцијата на крајните корисници за тоа колку кул може да биде нашиот омилен германски клиент Вурт, а бевме и регионално настроени да ги освоиме срцата на потрошувачите во сегментот на клима уредите на Даикин во Македонија, на Косово и во Албанија.  

Покрај тоа што ни се оствари сонот од детство да ја гледаме во живо Македонската фудбалска репрезентација како влегува во аналите на историјата се подготвивме и за друг настап на Европско со широка кампања за Вивакс на сите канали која кулминираше со ТВ спот и сеопфатен пристап на сите канали. 

Во делот на веб и софтвер ја добивме регионалната доверба да го работиме најслаткиот проект досега за чоколадите Менаж и платформата „Волим посластице“ која доби и свои Андроид и iOS апликации, а успешно го сработевме и проектот за вински туризам на Тиквеш. Од меѓународни проекти би ја издвоиле апликацијата Zipistream која е на пат да стане една од најуникатните платформи за премиум содржина за подкастери, а ја имавме и честа да ја лансираме апликацијата Voila која треба да направи револуција во угостителскиот сектор на американскиот пазар.

Иако подолго време за добар дел од нашите клиенти работиме како фул сервис агенција, додека сите се трудеа да се прилагодат кон дигиталните канали, Пиксел го прифати предизвикот и во текот на пандемијата продолжи да ги шири своите услуги со докажани професионалци од традиционалниот маркетинг и ПР што ни помогна да се позиционираме како агенција која нуди интегриран 360 маркетинг пристап. 

Првото полувреме од 2021-ва ни беше своевидно загревање за она што следуваше, за кое дополнително „работевме на нашата кондиција“ со двете кампањи за Сава пензиско друштво. И за двете Марко го облековме како поштар, улога во која за првата кампања малку го „смрзнавме“ во февруари, за потоа да го „прошетаме“ низ парк за втората кампања.  

Освежени од овие кампањи решивме да влеземе напаѓачки уште во летниот период, па ја почнавме втората половина со гол во раните минути со почнување на официјалните канали на социјалните медиуми на Xiaomi во Македонија. Овој натпревар кулминираше со големо отворање на официјалните продавници од наша страна во Тирана и во Скопје, со одлични настани, феноменални попусти и преголема посетеност. 

Како се доближуваше последното тромесечје така работите стануваа сè посериозни, па најпрвин успеавме да ја добиеме довербата на трите пензиски друштва преку комуникациската платформа „Засади желба“, каде што сакавме да им помогнеме на пензиските друштва да постават платформа за општествена одговорност која ќе помогне да се озелени иднината и да им се даде глас на граѓаните да ги искажат нивните желби за подобра иднина кои трите пензиски друштва би ги имале предвид во наредните години. 

Веднаш потоа ја имавме честа да работиме на една прекрасна информативна кампања за спречување на омразата и нетолеранцијата кај младите насловена како „Прекини го кругот – омразата не е твој стил“ поддржана од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Агенцијата за млади и спорт. 

Работевме интензивно и со Паком Компани и им помогнавме да вистински начин да го прослават нивниот 15-ти роденден, со интересен тим билдинг, преку донации за оние на кои им е најпотребна поддршка и со дигитални активности кои резултираа во зголемена лојалност на нивните потрошувачи. 

Зборуваме малку и за што треба брендовите да прават кога еден ден би ги снемало популарните социјални мрежи како Фејсбук и Инстаграм, а ја споменавме и дигиталната трансформација и потребата на брендовите да ја прилагодат својата комуникација кон нивните крајни корисници од новите генерации

Продолживме јако до крајот на годината со редизајнирање на дигиталната комуникација на нашиот најнов клиент од здравствениот сектор Ремедика, креиравме дигитална стратегија за брендовите Becutan Kids Vits и Здравје без рецепт за потребите на нашиот нов клиент од фармацевтската индустрија Алкалоид, и ја завршивме годината со обезбедување на нашиот прв регионален клиент – Инста Гранд! 

Не е лошо како за една година, нели? И да е и да не е, не застануваме тука. Пиксел оди на големи победи во 2022-ра, па ако сакате да соработувате со агенцијата со најсериозни, најкреативни и најиновативни проекти во своето портфолио шкртнете ни збор-два тука, а ако сакате да сте дел од нашиот тим, ги очекуваме вашите резимеа, портфолија и креативни проекти на следниов линк. Се читаме! 

Заинтересирани сте за соработка со Пиксел?

Побарајте понуда