gore

Дизајн трендови кои ќе доминираат во 2019-та

12-03-2020By Bojan Senkovski

Дизајн трендови кои ќе доминираат во 2019-та

По долго разгледување и анализа на темите од разни полиња на дизајнот и читајќи ги предвидувањата (процес кој траеше цел јануари ?), невозможно е да не се добие инспирација и желба трендовите претставени подолу во 2019-та да ги видам и на нашите монитори во канцеларија.

Во Пиксел постојано се охрабруваме да размислуваме за актуелните трендови во графичкиот дизајн како извор на инспирација и ваквиот пристап речиси секогаш создава професионална „дискусија“ околу иднината на дизајнот, а не само обид да се предвиди или правило што треба да се следи.

Вистината е дека никој не може да ја предвиди иднината, но она што можеме да го направиме е да влијаеме врз начинот на кој дизајнот ќе изгледа во следните неколку години.

И покрај тоа што е невозможно да се сумира сè од дизајнот во една година, направив селекција од мои Топ 5 теми кои ве поттикнувам да ви бидат ориентација и почетна точка во процесот на размислување и иновација.

1. ПАЛЕТА НА БОИ И ГРАДИЕНТИ

Изборот на Pantone за боја на годината е Living Coral, која за разлика од минатата Ultra Violet е повеќе усогласена со тековните палети со природни теми, преку кои ние дизајнерите наоѓаме инспирација да ја обновиме врската со природата.

Покрај коралната нијанса тука е и палетата на водени нијанси кои нè потсетуваат на длабочините на морето и океаните.

Природните сино-зелени нијанси ја отсликуваат нашата загриженост и ја подигаат свеста за моменталната состојба на океаните и нивната контаминираност.

Од друга страна, живописните неон комбинации, сонливите бои и транзиции, ќе продолжат и во 2019-та. Овие шеми на бои носат футуристичко чувство на дизајн и прават да се чувствувате како да сте во алтернативен универзум.

Современата верзија на холографскиот ефект си игра со длабочината на дизајнот, давајќи нова димензија на употребата на бои, трансформирајќи ги прелевањата во универзум на креативни можности.

Градиентите ни се добро познати во изминативе неколку години, а од неодамна почнавме да ги гледаме сè повеќе и во лого дизајнот. Исто така и враќањето на дуотонот во изминативе година, две, придонесуваат двата тренда да се комбинираат, со што 2019-та година сигурно ќе ја обележат градиенти на дуотонови.

2. SANS SERIF И ФЛЕКСИБИЛЕН ЛОГО ДИЗАЈН ТРЕНД

Сложените графички елементи и илустрации се зад нас. Откако Google и Airbnb ги сменија логоата со sans serif, трендот се роди. Овој тренд е одраз на она што се случува во дизајнот на дигиталниот интерфејс, а во годините што следеа, многу компании го следеа овој пример и ги заменија логоата во едноставен хомоген изглед.

Така што и оваа година sans serifs фонтовите ќе бидат застапени насекаде. 

Исто така, како одговор на дигиталните платформи брендовите продолжуваат да бараат идеално решение, а со тоа се роди и нов тренд во лого дизајнот. Флексибилните логоа во кои буквите може да ротираат и да ја менуваат позицијата даваат поголема слобода во нивната примена, без разлика дали се работи за анимирана верзија или прилагодување на ограничен простор во дизајнот.

3. 3Д ТЕХНОЛОГИЈА И ТИПОГРАФИЈА

3Д технологијата во комбинација со живописните транзиции на боја се чини дека е насекаде во моментов, така што е невозможно да се изостави како тренд во 2019-та.

На наша среќа, технологиите се во брз развој и ни го олеснуваат процесот на креирање, па дефинитивно ќе гледаме уште многу вакви композиции кои прават гледачот да потоне во дизајнот. 

Исто така и 3Д типографијата ќе игра голема улога во делот на графичкиот дизајн, а најдобриот дел е дека нема посебен тип на фонт кој најдобро функционира за овој тренд, секој фонт може да биде прикажан во 3Д.

И во веб дизајнот овој тренд нуди безброј можности, преку кој дизајнерите ќе креираат футуристички композиции кои ќе ги отворат прозорците на еден поинаков свет.

4. АСИМЕТРИЧНИ И АНТИГРАВИТАЦИСКИ ДИЗАЈНИ

Без разлика дали се работи за графичка композиција, веб страница или апликација, во изминативе години полека се ослободуваме од крутата и предвидлива мрежа базирана на шаблон стандарди.

Така и оваа година асимитричните композиции и нивната жива енергија се тренд и предизвикуваат големо внимание и љубопитност кај корисникот.

Секако тука се и микро-интеракциите или суптилното движење на елементите кои го зголемуваат доживувањето и даваат вистинска вредност, особено во веб дизајнот. 

Ерата на лебдечки елементи во графичкиот дизајн дефинитивно доаѓа. Идејата на овој концепт со футуристички вибрации и негравитационо опкружување, е лесно да го трансформира обичниот производ и да му даде чувство дека доаѓа од некој различен свет.

5. РЕАЛИЗАМ И FLAT ДИЗАЈН

Со цел да се задоволи окото на гледачот и да се создаде нешто иновативно отсекогаш се експериментирало со неконвенционални техники, стилови или во овој случај димензии.

Мешањето на различни медиуми како слики и вектори, монтажи на реални објекти и рамни елементи бара голема креативност и затоа ова е причината овој стил да влезе во листата на трендови за 2019 година.

Заинтересирани сте за соработка со Пиксел?

Побарајте понуда