„Дебелиот Крај“ на љубовните седишта во Cineplexx
Со Cineplexx си имаме пракса често да си правиме мали состаноци, да провериме што ново ќе има во кино периодот кој следи. Па така на еден од последните падна муабет дека треба нешто да се направи околу промоцијата на љубовните седишта во кино салите.
На повеќето прва идеја би им била да се направи некоја романтична филмска кампања, со Нотинг Хил цитати да се повикаат заљубените парови да дојдат да гледаат некој романтичен филм и понатаму веројатно претпоставувате како би идело (не така, перверзни едни).
Но, ние не би биле Пиксел ако не ни текне нешто поинакво.
Решивме седиштата да не се повеќе љубовни, туку да се седишта за двајца, а наместо заљубен пар да има двајца многу добри другари кои сакаат да гледаат заедно хорор филм.
Од прва ни текна на Симе и Наско, дечките од „Дебелиот Крај“, кои се добро познати по нивните креативни забавни видеа и се многу популарни на социјалните мрежи.
Ги викнавме на муабет и за неполни 5 минути со неколку (читај 32) паузи за смеење, веќе имавме цело сценарио за видео. Тука веќе го имавме и првиот договор – видеото ќе се вика „3 причини зошто да земете љубовно седиште, а не сте пар“.
По неколку дена, ние од Пиксел тимот заедно со Наско и Симе, отидовме во Cineplexx, ги уклучивме камерите, ги наместивме микрофоните, земавме пуканки и…снимивме се’ од прв пат (од четврти пат)!
Откако видеото беше монтирано од Наско, финалниот резултат на идејата која ја имавме со „Дебелиот Крај“ излезе вака:
Додека Симе и Наско го снимаа видеото и „фрлаа“ по луѓе со пуканки, ние (мислиме тука главно на Сено) во позадина го снимавме и фотографиравме целиот процес.
Кога ги споивме материјалите од ова, излезе уште едно видео, како бонус трака.
Видеото кое го снимија „Дебелиот Крај“ за љубовните седишта по неколку дена го објавивме на Facebook страницата на Cineplexx Macedonia и за кратко време имаше повеќе од 29.000 прегледи, а во исто време „Дебелиот Крај“ го објавија на сите нивни канали на комуникација и така стигна до нивните фанови.
Заклучок:
Некогаш, за да смислиш супер кампања или пак видео за клиент, потребни се само 3 работи: добра идеја, одлично изработено конечно решение и другарче со кое ќе поделиш љубовно седиште.
Ако случајно не ги знаете „Дебелиот Крај“ (што е ретка работа) нивните видеа може да ги погледнете тука, да ги лајкнете на нивниот Facebook page или да ги заследите на Инстаграм.